Грција регистрира 148.435 случаи на ковид-19 од 11 до 17 јули, период во кој се забележани и 200 смртни случаи, а 115 пациенти се приклучени на апарати, се наведува во неделниот извештај на Националната организација за јавно здравје за ситуацијата со пандемијата во земјата, јави дописничката на МИА од Атина.
Од потврдените 148.435 случаи во изминатите седум дена, 18 отсто се реинфекции, а вкупниот број на материјали со позитивен резултат е добиен од 954.188 тестови, со стапка на позитивност од 15,56 отсто. Регистрирани се 200 смртни случаи од ковид-19 или 15 проценти повеќе во споредба со една седмица претходно.
Во грчките болници, во посочениот период, биле примени 2.540 лица, а отпуштени 2.097, додека, пак, 115 лица се приклучени на апарати на одделите за интензивна нега.
Од почетокот на пандемијата, во Грција се потврдени 4.210.771 милиони случаи на ковид-19, а починаа 30.707 лица.
Националната организација за јавно здравје на Грција, наместо дневни, како што беше пракса досега, од минатата седмица, објавува седмични извештаи за ситуацијата со Ковид-19 во земјата.