Македонската музичка легенда Вања Лазарова конечно ја доби државната награда за животно дело „11 октомври“.По граѓанската иницијатива за поддршка на Лазарова, државата и додели пензија, во износ од 35 илјади денари, со која по автоматизам ќе се здобие наскоро.
Во екот на иницијативата, Лазарова за НОВА изјави дека не е зависна од националната пензија, но самиот гест да се награди за нејзиното дело е непроценливо.
Вања Лазарова е македонска пејачка на изворни народни песни, доајен на македонската народна музика.
Извесно време работела во Операта при МНТ, а била член и на Државниот ансамбл на народни игри и песни „Танец”. Има испеано стотина македонски изворни народни песни, од кои најголемиот дел се снимени во продукцијата на МРТ.
Има настапувано на голем број концерти на повеќе континенти. Пеела во Алберт Хол во Лондон пред британската кралица Елизабета Втора и премиерот Винстон Черчил. Посебен придонес има во соработката со групата „Анастасија” при создавањето на музиката за филмот „Пред дождот” на Милчо Манчевски.
Освен Лазарова, добитници на наградата се и проф. Д-р Дејан Докиќ (пулмолог-алерголог), проф. Д-р Зоран Тодоровски (историчар), диригентот и педагог Рамадан Шукри, како и академик Катица Ќулавкова.