Американските лекари соопштија дека е излечено лице кое живеело со вирусот на ХИВ од 80-те години на минатиот век, што е четврти таков познат случај во светот.
На пациентот на 66-годишна возраст му била пресадена коскена срцевина за лекување на леукемија од донор кој е природно отпорен на вирусот. Мажот, кој не сака да го открие идентитетот, престанал да користи лекови против ХИВ.
Рече дека е исклучително благодарен што повеќе го нема вирусот во неговото тело, пренесува „Би-Би-Си“.
Вирусот на хумана имунодефициенција (ХИВ) го оштетува имунолошкиот состав на телото.
„Кога ми дијагностицираа ХИВ во 1988 година, како и многу други, мислев дека тоа е смртна пресуда. Никогаш не мислев дека ќе го доживеам денот кога повеќе ќе немам ХИВ“, изјави излекуваниот пациент.
Меѓутоа терапијата не ја добил поради ХИВ, туку затоа што на 63-годишна возраст заболел од леукемија. Медицинскиот тим што го лекувал, одлучил дека му е потребна трансплантација на коскена срцевина за да се заменат неговите канцерогени крвни станици. По некоја случајност, донорот бил отпорен на ХИВ.
Вирусот влегува во белите крвни зрнца во телото преку микроскопски врати – протеин познат како ЦЦР5. Но, некои луѓе, вклучувајќи го и донорот, имаат мутации на ЦЦР5 кои спречуваат ХИВ.
Првата личност која е излекувана од ХИВ е Тимоти Реј Браун, познат како „Берлински пациент“, во 2011 година.