Со 88 гласа, без ниту еден против, Собранието ги донесе измените на Законот за Служба во Армијата, со кој се менуваат правилата на игра во најважната но и најчувствителната институција во државата.
Законот нуди поволности за сите 6713 припадници на Армијата.
Со новите измени е предвидено зголемување на платите на активниот воен и цивилен персонал за над 2000 денари. Во однос на пензионирањето, пак, стекнувањето право на пензија ќе биде со навршени 40 години работен стаж, односно 38 години за жени, без оглед на возраста. Има измена и во начинот на пресметката на износот на пензијата, сега како основа за пресметката ќе се земаат најповолните 10 години од работниот стаж а пензијата ќе изнесува 80 проценти од просекот во најдобрите според плата 10 години од работењето.
Законот дава и нова можност за исплата на отпремнина за професионалните војници со навршени 45 години возраст во износ од две просечни плати, но не помалку од 1000 евра за секоја година помината во служба, наместо како досега единствената опција да им биде вработување во некоја државна институција најчесто со пониска плата од таа што ја земале како војници.
Исто така професионалните војници ќе стекнуваат право на исплата на станарина од моментот на склучување на првиот договор за вработување во Армијата, наместо како досега да треба да помине неколкугодишен период. За активниот воен и цивилен персонал се предвидува и исплата на боледување во висина од 100 отсто од основната плата и додатоци на плата.
Со измените се воведуваат и поволни услови за стипендирање на млади и перспективни кадри од критични специјалности за Армијата.
Измените се најмногу во делот на бенефициите и поволностите, и има само една рестрикција а тоа е партиското агитирање во Армијата, кое и досега беше подложно на санкции но имаше недоречености кои овозможуваа партиски излети како на пример полковникот Драган Ковачки кој е сега пратеник и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Јавноста во Македонија пред некое време сведочеше на скандалозно однесување на армискиот полковник кој испраќаше партиски закани на началникот на Генералштабот, а во серија јавни истапи со партиска конотација на социјални мрежи го прозиваше и министерот за одбрана.
Оттука меѓу најновите измени е и регулирањето на професионалноста, непристрасноста и законитоста во вршењето на должностите во Армијата и во Министерството за одбрана, на политички неутрален начин. Законот предвидува дека во Армијата нема место за партиска политика. (Р.Н.)