Претседателот на македонската влада Димитар Ковачевски , одговарајќи на пратеничко прашање поставено од пратеникот Бојан Стојановски -Зошто власта и СДСМ бега од референдум, се обрати кон пратениците од ВМРО – ДПМНЕ и им порача дека требало да се срамат за она што го правеа на пленарната седницата на која се гласаше за заклучоците за преговарачката рамка на Европската Унија.
„ Јас немам проблем да вриштите, да тропате, да довикувате, да палите, да свирите на вувузели, формално образование човек може и да заврши но на човек со празнина од домашно воспитување не може да му помогнат никакви институции. Најлошо е кога такви луѓе довикуваа на еден претседател на Европска Комисија. Македонија ги почна преговорите, и враќање од тој пат нема , и да палите и да говорите невистини нема да го скршнете курсот ни лево а уште помалку десно. Секогаш бегате во клучни моменти никогаш за ништо немате гласано. Начинот на кој се однесувате говори за отсуство на домашно воспитување, повтори Ковачевски, кој постапките на пратениците од ВМРО – ДПМНЕ која се претставувала како демократска партија, ги спореди со постапка на еден политичар од соседна северна држава, како што рече.
Тој истакна дека референдумот бил внатрешно прашање на ВМРО ДПМНЕ и дека ниту тие знаеле какво прашање да конципираат. Ковачевски повтори дека 68 пратеници, како претставници на граѓаните , гласале за заклучоците односно за почнување на преговорите со ЕУ што и се случило и тоа на чист македонски јазик, на кој , како што рече, потпишуваме договор за преведување на македонски јазик на европската правна регулатива.
На овие тези на Ковачевски, реагира координаторот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ , Никола Мицевски кој праша доколку народот стоел зад преговорите со ЕУ со ваква преговарачка рамка, зошто одделни пратеници во собранието се движеле со оружана полициска придружба а тие како пратеници влегувале од некои споредни влезови во Собранието. Процедуралната реакција на Мицевски беше провоцирана од прозивката на Ковачевски на местото каде што седел Мицевски, слободно да го седнеле Апасиев.
Кон тезите на Мицевски се приклучи и координаторот на СДСМ , Јован Митрески кој повтори дека ВМРО – ДПМНЕ секогаш бегало и кога требало да се гласа за НАТО и сега за ЕУ и барем да гласале против.
Пратеникот Бојан Стојановски рече дека не е задоволен од одговорот на Ковачевски но дека нема дополнително прашање.
Мирјана Трпческа