На ЕСМ од вчера доби на располагање 3,1 милијарда денари или околу 50 милиони евра за зголемување на производството и обезбедување на дополнителни количини на електрична енергија. Компанијата апелира да се почитуваат мерките за штедење струја. Секој заштеден киловат час, укажува ЕСМ, ќе значи помалку трошење јаглен, мазут и гас.
И државата повикува да се почитуваат мерките за штедење електрична енергија. Воедно информира дека за справување со енергетската криза се обезбедени над 100 милиони евра.
„На ЕСМ ѝ се ставаат на располагање 3,1 милијарда денари за да го зголеми производството и да обезбеди дополнителни количини на електрична енергија. Финансиската поддршка ЕСМ ќе ја искористи и за снабдување со основни суровини, јаглен, мазут и друго, што е во функција на поддршка на продолжување на производството за непречено снабдување со електрична енергија“, соопшти Министерството за финансии.
Компанијата најави дека ќе вложи максимални напори за да ги произведе потребните количини до крајот на грејната сезона.
„Ако се придржуваме до мерките, заштедената енергија ќе може да се пренасочи кон стопанството, посебно кон големите фирми и институциите кои купуваат струја на слободниот пазар по енормно високи цени и на тој начин ќе можеме да им понудиме одредена количина по пониски цени, со што ќе се намалат нивните трошоци за работа. Само со штедење на електричната енергија можеме да им помогнеме на болниците, училиштата, градинките и на економијата и заедно да излеземе од оваа наметната криза“, нагласуваат од ЕСМ.