Полициските службеници спречија инцидент за време на денешниот протест поради отворањето на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, кога група демонстранти се обиде да го пробие полицискиот кордон.
Учесниците на протестот извикуваат „Татари“ и фрлаа со камења и јајца кон отворениот бугарски клуб. Протестот го организираше политичката партија Левица, беше поддржан и од ВМРО-ДПМНЕ.
Отворањето на клубот предизвика реакции во јавноста, а дел од граѓаните изјавија дека не се против отворањето на вакви клубови, туку против неговото име.
Борис Трети, чие цело име е Борис Клемент Роберт Марија Пиj Станислав Сакскобургготски, станува „Цар на Бугарите“ на 3 октомври 1918 по абдикацијата на неговиот татко Фердинанд, по поразот на Бугарија во Првата балканска војна. По водство на Борис Трети, кој во бугарската историографија е познат како „Царот обединител“, Бугарија се приклучува кон Тројниот пакт на нацистичка Германија, фашистичка Италија и милитаристичка Јапонија. Тој во април 1941 година дозволува германските сили од територијата на Бугарија да извршат агресија врз Кралството Југославија, по што за награда добива територии од распаднатата југословенска држава и Грција, вклучително и голем дел од денешна Северна Македонија.
Здружението на бугарски културен клуб „Цар Борис Трети“ е регистрирано во Македонија пред една година.
„Ние сме почитувачи и само го избравме ликот на Цар Борис III како еден бугарски цар. Ние ниту сме помислиле да направиме некоја провокација, ниту ништо“, рече денес претседателот на здружението Томе Блажевски. „Ние си живееме во Охрид, во Македонија. Не сме имале проблем со луѓето. Не сме провоцирале некој. Се се исполитизира“, изјави тој.
Опозицијата најави дека ќе достави измени и дополнување на законот за регистрација на здруженија на граѓани со вметнување на одредба дека се забранува основање или формирање на здружение кое според статут или според име ќе има било каква врска со фашистичкиот режим или со Третиот Рајх.
Основното јавно обвинителство во Охрид, по допрен глас, оформи предмет и ќе ги истражува наводите за евентуални пропусти при регистрацијата на здружението на граѓани „Цар Борис Трети“ од Охрид. Како што соопшти обвинителството, издадена е наредба до Централниот регистар за обезбедување на целокупната документација поврзана со регистрацијата. (Р.Н.)