Околу 150 борци на Слободната сириска армија денеска ја преминаа Турција за да влезат во Сирија како би им се придружиле на курдските борци во одбрана на сирискиот град Кобани од џихадистите од Исламска држава.
Прокурдски медиуми соопштија дека борците ја преминале границата со 8 возила на граничниот премин Мурситпинар.
– Во Турција пристигна група курдски борци од Ирак, на пат кон Кобани. Се очекува ирачките Курди со себе да донесат и голем број противтенковско и противоклопно оружје, изјави Салех Мослем, копретседавач со Партијата за демократско единство на сириските Курди.
Преминот на ирачките Курди доаѓа откако Анкара се согласи за преминување низ турска територија на Пешмерги во Сирија.
Премиерот на Турција Ахмет Давутоглу за Би-Би-Си соопшти дека испраќањето Пешмерги е „единствен начин да му се помогне на Кобани бидејќи други држави не сакаат да испратат копнени сили“.




