На денот на основањето на Турција, претседателот Реџеп Таип Ердоган денес ја инаугурира турската претседателска палата.
Оваа огромна градба од 200.000 квадратни метри веќе го доби називот Ак Сарај или во превод Бела куќа а се наоѓа на терен блиску од Анкара кој Мустафа Кемал Ататурк, основачот на Републиката, го купил за да изгради фарма. Сегашното седиште на претседателот се наоѓа во многу поскромна куќа но која е полна со историја и во која работеле 11 претседатели на модерната Турција од 1923 година до денес.
Палатата е веќе цел на контроверзи и критики особено од страна на борците за животна околина. Градбата е направена среде шума а имало и судска пресуда за сопирање на градбаа која е игнорирана.
Ак Сарај чинел 300 милиони долари како што пишува турскиот печат и е инспирирана од отоманскиот селџучки архитектонски стил.
Противниците на Ердоган исто така ја критикуваат палатата која, според нив, е илустрација на “лудилото за грандиозност” на претседателот. Партиите на опозицијата побараа нивните членови и приврзаници “да не се валкаат” и да не одат на пуштањето во употреба на палатата.
Ердоган во август беше избран за претседател на Турција откако во текот на 11 години беше премиер а неговите противници го обвинуваат дека е многу авторитарен и дека е исламист. Откако е претседател тој прави обиди да ја задржи целата власт во свои раце иако турскиот устав извршната власт му ја дава на премиерот. За таа цел Ердоган е спремен да го смени Уставот на земјата.




