Околу 50 до 70 вооружени борци на Слободната сириска армија (ФСА) пристигнаа во Кобане, тврди портпаролот на Курдите Идрис Насан. Курдите во Кобане сега чекаат на 150-те пешмерга-борци од северен Ирак, кои се во близина на границата и треба „многу бргу“ да стигнат во градот, соопшти висок курдски претставник на Твитер, јавува Дојче Веле на македонски јазик.
Првата група од околу 80 пешмерга-борци изутринава (29.10) по локално време пристигна на аеродромот во јужниот турски град Шанлурфа. Оттаму, во придружба на возила на турската армија и на полицијата, пешмерга-борците продолжија кон границата со Сирија. Конвој со уште 70 борци, како и тешко оружје, би требало да стигне во Кобане по копнен пат.
Турција минатата недела даде дозвола за влез на пешмерга-борци на нејзина територија, од каде треба да бидат префрлени во Кобане. Сириската опсерваторија за човекови права тврди дека и борците на ФСА во Кобане дошле преку Турција.
Турската влада одржува добри односи со раководството на автономниот курдски регион во северен Ирак. Меѓутоа, Анкара се спротивставуваше долго време да им помогне на Курдите во Кобане. Курдските борци во Кобане, имено, се вооружено крило на курдско-сириската Партија за демократска унија (ПИД), која е сестринска организација на Работничката партија на Курдистан (ПКК), која е забранета во Турција. Анкара ги означува ПКК и ПИД како „терористички организации“.
Градот Кобане е оддалечен неколку стотини метри од турско-сириската граница. Терористичката милиција Исламска држава (ИД) се обидува со недели да го заземе градот. Тој стана симбол на борбата против џихадистите, кои под своја контрола имаат големи делови на Сирија и Ирак.




