Премиерот на Унгарија Виктор Орбан го повлекува предлог-законот за оданочување на Интернетот, откако Унгарците излегоа масово на протести во земјата, пренесува Би-Би-Си.
Според него сегашната форма на предлогот не е соодветна, и вети испитување на јавното мнение во јануари.
– Данокот не може да биде воведен во неговата сегашна форма. Никаков закон не може да биде утврден во тие околности, рече Орбан во интервју за државно радио.
По првиот протест на крајот на минатата седмица, неколку десетици илјади лица протестираа на 27 октомври во Будимпешта против предлогот за данок врз користењето Интернет, кој според опозицијата, ги задушува слободите.
Протестите беа најмасовните од доаѓањето на конзервативецот Орбан на власт во 2010 година.
Противниците на проектот објавија дека вечерва ќе организираат нови демонстрации за празнување на својата победа.
Оданочувањето на интернетот остро го критикуваше и ЕК. Поради спорните реформи во областа на медиумите и правосудството во првиот мандат, Виктор Орбан претрпе критики и од Вашингтон.




