Во Романија се избира нов претседател. За функцијата се натпреваруваат 14 кандидати. Според анкетите, победникот ќе се решава во втор изборен круг, а аналитичарите сметаат дека земјата се наоѓа на раскрсница, јавува
Во фокусот на претседателските избори во Романија, во време на економска и политичка криза и стравување од „путинизирање“ на источна Европа, првенствено се наоѓаат темите како европскиот систем на вредности, правната држава и прашањето – дали е загрозена се‘ уште младата романска демократија.
Романското општество, и по 25 години од соборувањето на комунизмот, е поделено. На една страна се младите и добро образовани луѓе со либерални и проевропски убедувања, на другата страна е се‘уште константното гласачко тело на екс-комунистичките социјалдемократи (ПСД).
Од 14 кандидати, според анкетите, само двајца имаат шанси за изборна победа: сегашниот социјалдемократски премиер Виктор Понта и Клаус Јоханис од Христијанско-либералната алијанса.
Романското стопанство, според податоците на Евростат, во последните два квартали во 2014 година има минус од 0,2 односно 1 процент и со тоа се лизга повторно во рецесија. Освен тоа, земјата ја потресоа редица корупциски скандали, чии кругови стигнуваат до врвот на партијата на социјалдемократите ПСД и до непосредното семејно опкружување на премиерот.
И онака малата недоверба на граѓаните во политиката беше ослабена и со еден изненадувачки интервентен акт на романската влада. На политичарите во градовите и општините им беше во краток временски рок дозволена промена на партијата, без губење на мандатот.
Јасен профитер од ова правило беше владејачката ПСД, која презеде во своите партиски редови стотици градоначалници и општински советници. Понта е обвинет дека со помош на „пребеганите“ влијае врз изборниот тек во комуните.
За да се пресмета со Јоханис, кој се презентира со конкретни работи, Понта се потпира на левичарско-национални и фундаменталистички тонови. На Јоханис, како на православен Романец, му е сепак дозволено да се кандидира во „неговата“ земја, истакнува Понта, за јасно да се дистанцира од Јоханис, кој е евангелист. Со изборниот слоган – горд е што е Романец – Понта подбуцнува нетрпение кон ентичките и религиозни малцинства.
Истовремено, во медиумите блиски до Понта и неговата партија, се води жестока негативна кампања против неомилениот конкурент. Така, без никакви докази, Јоханис е обвинуван за наводна „вмешаност во трговијата со органи“, дека е „измамник во областа на недвижностите“ , „агент на германската тајна служба“ и крајно, „Тројански коњ на Ангела Меркел“.
Настрана од тоа, Понта заговара преоценка на односите со Кина, Русија и Турција и иницира за почеток „економска“ нова ориентација на земјата кон Исток. Нему за пример му служат политичари како Путин во Русија, Ердоган во Турција и Орбан во Унгарија.




