Европската унија соопшти дека изборите што вчера се одржаа во регионите на источна Украина контролирани од сепаратистите се пречка за мирот. Официјална Москва пак најави дека ќе ја почитува волјата на „народот на југоистокот на Украина“.
На изборите во Доњецк победи Александар Захарченко, додека во Луганск Игор Плотницки. Захарченко добил 81, додека Плотницки 61 насто од гласовите, јавува Би-Би-Си.
Тие всушност немаа вистински опозициски ривали.
Шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини оцени дека вчерашните избори во регионите на Доњецк и Луганск биле незаконски и нелегитимни, јавува Радио Слободна Европа.
Во соопштението на Могерини се наведува дека изборите биле одржани во спротивност со договорите во Минск кои беа потпишани од инволвираните страни во конфликтот и тие ги опструираат напорите да се најде одржливо политичко решение за кризата.
„Се надевам дека сите страни ќе ја потврдат приврзаноста на Протоколот од Минск и оти ќе се однесуваат кохерентно за да биде спроведен во целост“, изјави Могерини, барајќи страните да го почитуваат територијалниот интегритет на Украина.
Од друга страна, руското министерство за надворешни работи соопшти дека ја почитува волјата на народот на југоистокот на Украина.
„Избраните претставници добија мандат да ги решат практичните задачи во врска со обновата на нормалниот живот во тие региони“, се наведува во соопштението на руското министерство.
Претходно, украинскиот претседател Петро Порошенко гласањето го оцени како фарса под закана на тенкови и пушки.
Порошенко понуди специјален статус и широка автономија за регионите на Доњецк и Луганск, но инсистира тамошните локални избори да бидат одржани според украинските закони.
Украинската армија вчера јави дека Русија интензивно распоредувала опрема и персонал во делови на Украина контролирани од проруските сепаратисти.
Странските новински агенции јавуваат дека во близина на Доњецк била забележана колона камиони со противвоздушни топови, кои се движеле кон аеродромот кој сега е под контрола на владините сили.
Неколку западни медиуми јавуваат и за раздвижување на големи воени сили во близина на Доњецк.




