Американците утре избираат нов состав во Конгресот, а аналитичарите велат според резултатите ќе се рефлектира и поддршката на политиките на Обама.
Во САД ќе се избираат 435 членови на Претставничкиот дом, 36 од 100 членови на Сенатот и 36 гувернери од 50 сојузни држави. Со оглед на тоа што се очекува републиканците да ја задржат контролата во Претставничкиот дом, сите очи се вперени во трката за Сенатот, во кој досега доминираа демократите.
Републиканците во предизборната кампања се обиделе да го искористат падот на популарност на Обама за да ја задржат контролата во Претставничкиот дом и да освојат мнозинство во Сенатот, пренесуваат светските медиуми.
Резултатите од анкетата на Ипсос, покажуваат дека само 38 проценти од Американците ја подржуваат политиката на Обама, а околу 56 отсто се против, наведува „Ројтерс“.
Колку изборите се значајни за демократите покажува и фактот што во кампањата покрај претседателот на САД учествуваа и поранешниот претседател Бил Клинтон и неговата сопруга Хилари, за која неофицијално се најавува дека ќе биде идниот претседателски кандидат.




