Војната против Исламската држава не е војна против исламот. Мораме да ги најдеме корените на тероризмот, вели генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун.
Во интервју за австриски „Кронен цајтунг“ тој изјави дека ја поддржува меѓународната коалиција која се бори против Исламската држава.
– Потребна е меѓународна солидарност против тероризмот и мораме да направиме анализа како тероризмот пушти толку цврсти корени. Затоа го поздравувам ставот на американскиот претседател Барак Обама кој побара после воените мерки силен политички напор, вели во интервјуто Ки-мун.
Нагласува дека за него најголем предизвик и понатаму останува израелско-палестинскиот конфликт.
– За време на мојот мандат, морав да се справувам со три војни и мерки за обнова и тоа е доста е веќе. Меѓународната заедница мора да го затвори тој круг на војна и обнова. Без преговори секогаш ќе има насилство, нагласи генералниот секретар на ОН.
Во однос на ситуацијата во Украина, Бан Ки-мун вели „псевдоизборите“ одржани на истокот не се во согласност со протоколот од Минск.
– Овие избори го кршат договорот од Минск, бидејќи тој договор мора во потполност да се примени, потенцира Ки-мун.
Општите избори одржани во октомври во Украина, сепак ги пофали, и за нив вели биле релативно мирни и фер.




