Анонимен наставник од скопско училиште денеска испрати е-маил до редакцијата на НОВА ТВ, во кој ги образложува последиците од екстерното тестирање врз образовниот процес. НОВА интегрално го пренесува текстот.
„Ви пишувам како загрижен наставник од едно од скопските средни училишта, а во врска со екстерното тестирање.
Многу е пишувано за недостатоците на екстерното оценување кои сериозно го загрозуваат квалитетот на образовниот процес. На пример, се споредуваат (а) континуирано оценување во текот на годината и (б) резултати од кус тест со заокружување со претходно зададени и одговорени прашања; се поттикнува кампањско и некритично учење на памет кај учениците; наставниците избегнуваат многу високи или ниски оценки за да се заштитат од евентуални големи отстапувања, итн.
Во ова обраќање сакам да се задржам на некои од манипулациите што се случуваат во училиштата, а кои како подлога ги имаат резултатите од екстерното тестирање. Имено:
– иако законот предвидува санкционирањето на наставниците во случај на отстапувања во оценките да се изврши според завршната, годишна оценка, многу наставници (како што видовме и од медиумите) се казнети заради отстапувања меѓу ПОЛУГОДИШНАТА оценка и оценката од екстерниот тест. Ова се однесува за наставниците кои предавале во завршната година.
– доколку се логирате како наставник во е-дневник се забележува дека недостасуваат оценки кај одредени наставници, што значи дека не може да се направи увид во степенот на отстапка меѓу завршната и екстерната оценка. Од Државниот испитен центар се оградуваат од одговорноста за недостигот на податоци и ги прозиваат одговорните лица во училиштата. Индикативно е тоа што во случајот на училиштето за кое имам увид, ниту еден од наставниците кај кои недостигаат податоци не е ставен на листата казнети наставници.
Зарем невнесувањето податоци не е подеднакво голем (ако не и поголем) престап од отстапките во оценките? Сметам дека директорите треба да ја сносат полната одговорност за недостигот на податоци за одредени наставници. Непонесувањето одговорност, од друга страна, може да се протолкува како заштита на едни, а дискриминација на други наставници.
Би било добро јавноста да биде запознаена со ваквите неправилности кои произлегуваат од екстерното оценување.“ се вели во дописот.