Претседателот на САД Барак Обама му испратил тајно писмо на духовниот лидер на Иран ајатолахот Али Камнеи, пренесе БиБиСи. Обама наведил дека двете страни има исти интереси во битката против терористите на Исламската држава.
Извор на БиБиСи во Иран го потврди приемот на писмото на Обама, но прес секретарот на Белата куќа одби да коментира, објаснувајќи дека станува збор за „лична преписка на претседателот“.
Писмото било испратено во октомври и е најмалку четврта порака на Обама до иранскиот водач од 2009 година досега.
Обама исто така во писмото барал постигнување договор за иранската нуклеарна програма.
Преговорите на Техеран со петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН плус Германија треба најдоцна до 24 ноември да резултираат со договор за ограничување на збогатувањето на ураниумот во Иран.
Претставници на администрацијата на Обама во текот на последните денови ја проценуваат веројатноста за постигнување на аранжмани за иранската нуклеарна програма на 50%, пишува „Волстрит џурнал“.




