Не очекував дека албанскиот премиер ќе зборува за Косово и не дозволувам провокација од овој тип, изјави српскиот премиер Александар Вучиќ по средбата со Еди Рама, образложувајќи дека Косово не било дел од програмата при посетата во Белград, пишуваат српските медиуми.
– Жалам што Рама ја искористи оваа прилика да зборува на тема на која не се договоривме и нема да дозволам било кој да ја понижува Србија, изјави Вучиќ.
Како што потенцираше, со албанскиот премиер требало да се разговара за иднината а не за минатото.
– Да повторам, очигледно имаме различни ставови, Србија стои зад тоа дека Косово и Метохија е дел од Србија и драго ми е што можам тоа да го кажам во присуството на албанскиот премиер, додаде Вучиќ по средбата.
Од друга страна Еди Рама потенцираше во Белград дека „Косово е независна држава, и тоа е реалност која не може да се менува“.
– Можеме да зборуваме за различни пристапи но не смееме да не ја кажеме вистината, независноста на Косово е реалност и голем број на земји веќе го прифатија тоа, изјави Премиерот на Албанија.
Пред почетокот на прес-конференцијата за новинари, премиерот на Србија Александар Вучиќ рече дека разговорите со албанскиот колега биле многу тешки но дека верува во заедничко изнаоѓање на решение.




