На претседателските избори во Романија победи еден нетипичен политичар: етничкиот Германец Клаус Јоханис. Со својот едноставен и директен настап тој успеа да ги убеди граѓаните дека е вистинскиот човек за функцијата, јавува Дојче веле.
На своите избирачи не им довикна „Yes, we can!“, но кандидатот на либерално- конзервативниот сојуз Клаус Јоханис го издигна изборниот слоган за „Романија на темелноста“, на „добро извршена работа“, високо на агендата за вториот круг избори за највисоката функција во државата. Речиси десет проценти го делеа Јоханис од првопласираниот во првиот круг – Виктор Понта.
За политичкиот подем на Јоханис заслужен е неговиот добар имиџ, кој го следи со години. Како градоначалник на Сибиу тој четирипати едно по друго беше избиран на функцијата, секогаш со големо мнозинство од 70 до 80 проценти. Во неговиот град, поранешниот професор по физика со германско етничко потекло е ценет по тоа што темелно ја реформираше администрацијата и по тоа како го санираше средновековниот стар град, кој делумно беше пред распаѓање.
Сибиу во 2007 година беше најдобар пример за европска интеграција. Во годината кога неговата земја пристапи во ЕУ, „неговиот“ град, заедно со Луксембург, беше европски главен град на културата. Регионот доживува и економски бум. Стотици странски инвеститори, претежно од Германија и Австрија, се преселија тука и се погрижија невработеноста да е близу до нула. За споредба, стапката на невработеност во Романија, според Евростат, изнесува преку седум проценти.
По неговите успеси во локалната политика евангелско-лутеранскиот трансилвански саксонец успеа да го убеди и мнозинството во целата земја дека тој е вистинскиот човек за политичка, морална и економска санација на Романија. „Се кандидирам оти сакам да воспоставам еден друг вид политика во нашата земја. Помалку шоу, помалку бука и повеќе конкретни решенија за граѓаните, за Романија“, повторуваше Јоханис во неговите интервјуа и настапи. Зад него не стојат ниту интересни групи ниту некакви медиумски империи, нагласуваше тој, алудирајќи притоа на неговиот противник од редовите на социјалдемократите, Понта.




