Министерството за образование и наука воведе систем за следење на кариерите на матурантите по дипломирањето во средните стручни училишта – што е дел од Стратегијата за образование 2018-2025 година.
Со ова министерот Јетон Шаќири ги запознал на денешната средба претставниците на средните стручни училишта во државата, На средбата бил презентиран системот за кариерно следење на матурантите, што ќе се воведе со поддршка од фондовите на ЕУ, кои како што рече, го поддржуваат реформирањето на нашиот национален образовен систем.
„Системот е веќе креиран и поставен на посебен портал anketi.mon.gov.mk. Ќе функционира со прибирање на податоци директно од учениците откако ќе дипломираат, како и од работодавачите. Секој ученик од завршната година на образованието ќе може да пристапи едноставно со најава, да наведе воведни податоци за себе и своето средно стручно образование, и потоа треба да пополни три прашалници. Еден на почеток по регистрирањето и два во рок од 6 месеци. Компаниите пак, исто така можат да се регистрираат и да пополнат прашалник во врска со нивните потреби и очекувања за вештини кои треба учениците да ги поседуваат“, информира Шаќири.
Тој додаде дека прибраните податоци ќе бидат од големо значење затоа што ќе претставуваат база за креирање на идни политики, но и од значење за училиштата, за тоа како и каде напредуваат нивните ученици што исто така може да иницира промени во интерните политики.