Најмалку шест лица загинаа и уште шест се повредени во напад во синагога во Ерусалим, соопшти израелската полиција. Меѓу загинатите се и напаѓачите, двајца Палестинци кои се убиени во полициска интервенција.
Според полицијата, напаѓачите влегле во синагогата вооружени со пиштоли, секири и ножеви.
Портпаролот на полицијата Мики Росенфелд изјави дека власта во Тел Авив смета дека ова е еден од најтешките напади во последните неколку години.
Израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху веднаш по инцидентот изјави дека Израел остро ќе одговори на нападите. Тој го нарече нападот „сурово убиство на Евреите кои дошле да се помолат“ и рече дека е последица на поттикнувањата од страна на радикалното исламистичко движење Хамас и палестинскиот претседател Махмуд Абас.
Од друга страна и палестинскиот претседател Махмуд Абас жестоко го осуди нападот врз синагогата.
– Претседателството го осудува нападот врз еврејските верници…и осудува убиство на цивили без оглед кој тоа го прави, се вели во соопштение од неговиот Кабинет.
Хамас и Исламски џихад претходно го пофалија тој напад.




