Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан денеска во Србија порача дека земјата мора да продолжи со реформите бидејќи темпото со кое се приближува кон ЕУ ќе зависи од тоа и односите со Косово.
– Србија својата надворешна политика постепено ќе ја усогласува со европската, рече Хан.
Од друга страна претседателот на Србија Томислав Николиќ потенцираше дека тие се подготвени секое поглавје да го отвораат по ред, бидејќи во ЕУ прашањата за економијата, криминалот, корупцијата биле уредно средени.
-Комесарот Хан не охрабрува да направиме се што можеме на овој пат, дополни Николиќ.
Според него, Србија нема проблем со продолжување на преговорите со Приштина, но Косово треба да настапи со дијалог по формирањето на новата влада.
– Ако продолжат со нас да преговараат со нагласување дека се независна држава, Србија ќе мора да најде друг претседател и друг премиер бидејќи ние никогаш нема да го прифатиме тоа, изјави Николиќ.
Српскиот премиер пак по средбата со Еврокомесарот нагласи дека е многу важно Србија да напредува и дека не ги сака европските пари и жалење, туку неговата земја да биде достоен член и да помогне во ЕУ.
– Србија е на европски пат бидејќи тоа е нашата стратешка цел, кога го бираме друштвото, ова е тој тип на друштво, истакна Александар Вучиќ.
Тој му се заблагодари на Хан за присуството во Белград и изрази верување дека ќе имаат одличен однос при европските интеграции.
Комесарот за европска политика и проширување Јоханес Хан утре патува во официјална посета на Црна Гора, како дел од неговиот план на почетокот од мандатот да ги посети сите земји од Западен Балкан.




