Жителите на селото Мало Орашје во Младеновац, каде синоќа се случи убиство во кое загинаа осум лица, а 14 беа ранети, за српска „Нова“ велат дека се во шок поради трагедијата што ги снашла.
„Децата го организираа Ѓурѓовден ден претходно, поради денот на жалост за убиствата во училиштето во Белград. Тие сочувствуваа со своите врсници од Белград кои беа убиени и повредени во тој ужас. Одеднаш се појави тој млад човек и почна да пука. Децата бегаа и врескаа, некои паднаа како покосени“, рекол еден од жителите.
Како што раскажал жителот, „сите тие деца биле многу добри, а убиецот како да направил список за да ги елиминира најдобрите“.
Други жители велат дека ги разбудил звукот на сирените.
„Мојот син втрча во куќата и рече: ‘Тато, има истрели во близина на игралиштето’, потоа слушнавме сирени и видовме полициски ротациски светла. Црн облак се надвисна над селото, но и над нашата Србија. Тоа се сите наши деца, никогаш не можеме да го преболиме“, велат во селото.
Според известувачот на српска „Нова“ од местото на настанот, убиецот Урош Б., откако ранил неколку лица пред училиште во тоа село, се вратил да ги убие оние кои се уште давале знаци на живот.