Турскиот исламско-конзервативен претседател Реџеп Ердоган денес во Истамбул изјави дека жените, според природата, не можат да бидат еднакви со мажите при што ги критикуваше феминистките обвинувајќи ги дека се против мајчинството.
“Нашата религија има дефинирано место за жената: мајчинство”, рече Ердоган пред една конференција за правдата и жените на која присуствуваа пред се жените. “Некои луѓе ова можат да го разберат, други не. Вие не можете на феминистките ова да им го објасните бидејќи тие не ја прифаќаат ниту самата идеја на мајчинството”, рече тој.
Според Ердоган, жените и мажите не можат исто да бидат третирани бидејќи тоа е против природата. “Нивниот карактер, нивните навики и нивната физичка појава се различни”, рече тој додавајќи дека една жена што дои дете и мажот не можат да бидат исти. “На една жена не можете да и дадете да врши иста работа како и мажот како што тоа беше случај во комунистичките режими. Не можете од неа да барате да излезе и да копа бидејќи тоа е против нивната деликатна природа”.
Ердоган беше премиер на Турција во текот на 11 години до неговиот избор за престедател во август годинава и во текот на премиерската функција тој во повеќе наврати ги натера феминистичките движења да реагираат по неговите обиди да го одземе правото на абортус и препораките дека жената треба да има најмалку три деца.




