Субрата Рој побарал итна медицинска помош во затворот Тихар поради влошена здравствена состојба. Барањето го доставил адвокатскиот тим на Рој. За сега нема официјални информации за какви здравствени проблеми се пожалил бизнисменот, кој претходно бараше и зголемено затворско обезбедување затоа што добивал закани по живот.
Групацијата Сахара најави дека ќе поднесе апликација до судот за ослободување на Субрата Рој од медицински причини, и негово преместување во приватна клиника.
Бизнисменот и двајца од неговите најблиски соработници се во затвор повеќе од шест месеци, а не успеваат да ги обезбедат потребните пари за кауција преку продажба на вредните хотели што ги поседува Индиецот во странство.
Од неодамна, Рој се соочува и со истрага за перење пари.
Во понеделникот даночните власти заплениле 22,1 милиони американски долари во кеш од канцелариите на неговата Сахара Групација во Делхи и Ноида.




