Нелигитимни се санкциите на САД, ЕУ, Јапонија, Австралија и другите земји. Неприфатливи се и безперспективни, тоа е притисок кој претставува закана за меѓународната стабилност, оценува рускиот претседател Владимир Путин.
Во интервју за агенцијата Анадолија пред посетата во Турција на 1.декември тој потенцирапе дека ја цени „присебноста“ на Турција која не се приклучи во санкциите.
– Веруваме дека ќе преовладее здравиот разум. Апелираме на заемно прифатливо решение за постоечките проблеми. Турските партнери не ги жртвуваа своите интереси за политички амбиции на некој друг, рече Путин.
Тој вети и поддршка за владите на Сирија и Ирак во нивните борби против џихадистите, нагласувајќи дека борбата против тероризмот на Блискиот Исток, Африка и Сирија е еден од приоритетите на меѓународната заедница.
Владимир Путин и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ќе разговараат за реализација на заеднички проекти во сферата на енергетиката како и клучни меѓународни прашања, соопшти Москва.




