Србија, која се најде во центарот на вниманието во однос на евроинтеграциите и рускиот проект „Јужен тек“, е голем губитник по најавите на рускиот претседател Владимир Путин и првиот човек на Гаспром Алексеј Милер дека „проектот е затворен“.
Според премиерот Александар Вучиќ ова не е добра вест за неговата земја која беше лојална на проектот оспоруван од Европската унија. Сепак, напоменнува српскиот премиер, Србите не треба да стравуваат бидејќи неговата земја има гас за оваа и за наредната зима.
Претседателот на владата на Србија најави разговори со Путин и руските претставници веднаш по седницата на Советот за безбедност во Њујорк.
– Србија не направи ништо како би влијаела на таква одлука. Дали ќе се обвинуваат меѓусебно еврофилите и русофилите…ние за ништо не сме виновни, порача српскиот Премиер.
Тој истакна дека се работи за проект од кој Србија во ниеден момент не се одреклаи покрај бројните притисоци од Европа. Според него, Србија дефинитивно би била енергетски побезбедна доколку се изгради гасоводот.
Рускиот претседател Путин на вчерашната прес-конференција со колегата од Турција Реџеп Таип Ердоган најави дека „Јужен тек“ се затвора поради неподготвеноста на ЕУ да ја поддржи изградбата. Напротив, според Путин, тие ја отежнувале.
Тој најави пренасочување на гасот кон земјата на Ердоган.




