Откако на почетокот на мај го откри идентитетот на петмина, грчката полиција идентификувала уште шест лица од групата која кон крајот на април годинава упадна во уметничка галерија во Солун каде што беше поставена изложбата на македонскиот сликар Сергеј Андреевски.
Идентификувани се пет мажи и една жена, сите грчки државјани на возраст од 20 до 44 години.
Истражните органи во Грција, како што пренесе дописникот на МИА од Атина, соопштиле дека против нив е покренат предмет за противзаконито насилство, кривично дело со расистички карактеристики и за поттикнување на извршување кривични дела, дела на насилство или раздор против лице врз основа на национално потекло.
„Петмина од горенаведените, заедно со пет веќе идентификувани лица и уште тројца соучесници, дејствувајќи како група со обединети сили, ментална поврзаност и националистички мотиви и со скриени лични карактеристики, упаднаа со качулки и притоа закачија печатен материјал покривајќи ги сликите на уметникот и повикувајќи го да ја прекине изложбата“, соопштија од грчката полиција и додадоа дека истрагата продолжува за идентификација на останатите вклучени лица.
На почетокот на мај беа идентификувани пет лица – четворица грчки државјани на возраст од 19, 20, 23 и 24 години и една странска државјанка на возраст од 22 години кои биле вклучени во упадот во галеријата.
На 26 април годинава група членови на „Златна зора“, која со судска одлука од 2020 година е прогласена за криминална организација, со маски на лицата и качулки упаднаа во галеријата на солунската општина Каламариа каде што во тек беше изложбата на македонскиот сликар Сергеј Андреевски.
Упадот беше снимен и објавен на сајтот на подмладокот на „Златна зора“.
По упадот во галеријата, грчките власти соопштија дека Грција нема да толерира беззаконие, заплашување на граѓаните ниту, пак, нацистички паравоени групи – термин кој во Грција се користи за организираните групи на „Златна зора“. Следуваше осуда од грчката влада, а Обвинителството нареди истрага.
Изложбата „Неизложени дела на хартија“ на македонскиот сликар Сергеј Андреевски беше свечено отворена на 21 април во Солун. На отворањето беа присутни голем број посетители, а уметникот, пренесувајќи ги своите впечатоци, тогаш изјави дека уметноста не познава граници и дека нејзиниот јазик е универзален.
С.К.