Гасоводот „Јужен тек“ се уште може да биде изграден и покрај изјавите од Русија дека проектот кој треба да ја снабдува Европа со гас е прекинат, изјави претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер.
– Европската унија и Бугарија работат заедно како би ги надминале постоечките проблеми. Овие големи проблеми не се несовладливи, им потенцираше на новинарите Јункер по разговорот со бугарскиот премиер Бојко Борисов.
Според него условите за изградба на гасоводот веќе одамна се познати, а на потег била Русија.
Средбата помеѓу Борисов и Јункер доаѓа по изјавите на рускиот претседател Владимир Путин дека Русија го напушта проектот бидејќи не може да најде заеднички јазик со Бугарија и ЕУ.
Од друга страна Борисов напомена дека се уште не добил официјална информација за прекин на „Јужен тек“ а дека руските планови за гасовод низ Турција се „избрзани“.
– Има многу луѓе кои се против прекин на проектот, инсистира Борисов.
Бугарскиот премиер потенцираше дека решение за изградба на рускиот гасовод може да се најде дури и на почетокот на следната недела кога средба ќе одржат министрите за енергетика на земјите од ЕУ кои се инволвирани во проектот.
Сепаки двајцата наведоа дека било каков договор да се постигне, тој мора да биде во согласност со правилата на ЕУ.




