Познатата азербејџанска истражувачка новинарка Хадија Исмаилова по повеќемесечно малтретирање од страна на полицијата денеска доби притвор од два месеци, мерка која ја изрече Судот во Баку. Таа пред неколку месеци беше обвинета дека дека објавила документ од тајните служби на социјалните мрежи, документ кој покажувадека азербејџанските тајни служби искористиле нелегално и тајно снимена видео снимка од секс за да уценуваат опозициски активист да ги кодоши другите опозиционери. Денеска беше притворена поради ново обвинение откако колега-новинар пријавил во полиција дека Исмаилова го наведувала да изврши самоубиство.
Шефот на кабинетот на претседателот на Азербејџан, Рамиз Мехдијев, јавно ја обвини Исмаилова за предавство и вработените во Радио Слободна Европа ги нарече шпиони.
Исмаилова темелно известува за бизнис интересите на семејството на претседателот Илхам Алиев, а за тие истражувања во 2013 година ја доби и престижната „Даниел Перл“ наградата за најдобра истражувачка сторија од страна на Глобалната мрежа за истражувачко новинарство.
Исмаилова е често мета на напади од страна на азербејџанските власти. Пред две години на социјалните мрежи осамна видео снимка од неа и нејзиното момче за време на сексуален чин. Видеото било направено во нејзиниот стан. Снимката беше објавена откако таа доби пакет по пошта кој го содржеше видеото заедно со анонимна закани дека доколку не престане да истражува снимката ќе биде објавена, што и се случи откако Исмаилова ги обзнани заканите јавно.
Уредникот на „Проектот за известување за корупција и организиран криминал“ (OCCRP) Дру Саливан, во која што мрежа е членка и Исмаилова, вели дека со апсењето на новинарката ексалирало малтретирањето врз неа од страна на азербејџанската влада.
„Ја охрабрувам владата да стане толерантна кон истражувачките новинари во земјата и кон сите кои се соочуваат со нефер притвори поради своите критички ставови“, рече Саливан.
Според ОБСЕ „апсењето на Исмаилова не е ништо друго, освен оркестрирано заплашување, кое е дел од кампањата за замолчување на слободните и критички гласови“.




