„Во 2016 Година минималната плата во државата изнесуваше 10.080 денари, а сега од март годинава изнесува 20.175 денари, значи двојно повеќе. Просечната нето плата во 2016 година изнесувала нешто над 22 000 денари, а во 2023 година, просечната нето плата е историски највисока и изнесува 36 527 денари. Тоа се цели 230 евра повеќе во сечиј домашен буџет, за неполни 7 години“ рече премиерот Димитар Ковачевски на трибината „Ние сме Европа“ во Скопје.
Тој додаде дека се донесе и системско решение за раст на пензиите со што минималната пензија од 7700 денари во јуни 2016 година се искачи на 12500 денари во јуни 2023, додека просечната пензија се поокачи за 40 отсто.
„Ако во 2016 година, просечната пензија изнесуваше околу 13.700 денари, а денес во 2023 година таа изнесува над 19.100 денари. Ново покачување е предвидено од септември и она што е многу важно е дека пензиите континуирано ќе растат“ рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека значителен раст имаат и странските директни инвестиции, кои во 2016 година изнесуваа 338 милиони евра, додека во 2022, екстремно тешка година, во ек на глобална економска и енергетска криза изнесуваа 754 милиони евра, што е за два и пол пати повеќе.
„Ако зборуваме за ТИРЗ во 2016 нивото на инвестиции изнесувало 600 милиони евра, додека во 2023 заклучно со она што денес е постигнато, изнесуваат 2 милијарди евра. Само во последниве 2 години имаме постигнати договори од околу 1 милијарда евра што е речиси еднакво на инвестициите од една декада. Бројот на вработени во зоните во 2016 година, изнесувал нешто над 6.200, а денес имаме 17.150 вработени или 173% раст“ рече Ковачевски.
Тој додаде дека и вкупниот број на невработени се намали за речиси 52 отсто од 2016 до 2022 година и стапката на невработеност сега е 14,4 отсто, наспроти 24 отсто во 2016 година.
„Овие позитивни показатели може да се зголемат и мултиплицираат. Продолжувањето на евроинтегративниот пат е единствениот начин како да го направиме тоа. Тој процес меѓу другото за нас е можност за промени на економски план кои ќе донесат многу трајни придобивки како за граѓаните така и за бизнисот“ рече Ковачевски.0