„Денес Европа и светот зборуваат за македонска држава, македонски народ и македонски јазик. Денес нашата родна земја, Република Северна Македонија е меѓународно признаена држава, чии граници се исцртани на светската географска карта. И ова е, и мора да биде нашиот мотор. Денес кочниците се само во нашите раце“ рече премиерот Димитар Ковачевски на свечената академија во чест на 8 Септември во Филхармонија.
Тој додаде дека Северна Македонија е и територијални и идентитетски и меѓународно признаена држва преку науката, уметноста, книжевноста, но и како политичка реалност.
„И штоме така, од кои причини би ставале кочници на сопствените перспективи? Јасно е дека причините за вакви обиди се поврзани со туѓи интереси за геостратешки позиционирања, различни од македонската евроатлантска стратешка цел. Поврзани се и со популизам за политички предизборни и лични, материјални цели“ рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека не треба да оставаме простор никому да нè идентификува и да нè става во свој историски контекст бидејки имаме своја историја и свој јазик, потврдени на научно, меѓународно ниво.
„Да продолжиме да се себепотврдуваме во меѓународното семејство на народи и држави, седнати рамноправни на масата во демократските сојузи. Затоа што само така, нашите аргументи, познати на светската наука, ќе бидат познати и за светската политика“ рече Ковачевски.