Осум деца се убиени а една жена ранета во градот Кернс во Австралија. Според австралиските медиуми, жената била брутално избодена.
Полицијата во Квинсленд извршила упад во дом сместен во предградието на Кернс, откако добиле повик дека во зградата се наоѓа жена со тешки повреди. На местото полицијата пронашла тела на деца на возраст од 18 месеци до 15 години, стои во соопштението на полицијата.
Сестрата на ранетата жена во разговор со новинарите потврдила дека станува збор за мајката на убиените деца.
– Не можам да поверувам. Само што дознав што им се случило на несреќните деца, изјавила таа.
Полицијата се уште извршува увид на местото а ќе им бидат потребни неколку часа да ја завршат форензичката анализа.
– Ова се тешки денови за нашата земја, станува збор за незапаметено злосторство, изјави премиерот Тони Абот.
Ова е втор шок за Австралија во краток временски период откако полицијата во вторникот успеа да ја заврши 16-часовната заложничка криза во Сиднеј, во која што беа убиени три лица, помеѓу кои и киднаперот.
Најголемото масовно убиство во Австралија беше во 1996 година, кога Мартин Брајант во Порт Артур во Тасманиа уби 35 луѓе.




