Published: Tuesday, December 23, 2014 13:14
Здравствената состојба на легендарниот боксер Мухамед Али е „значително подобрена“ откако изминатиот викенд беше хоспитализиран поради пневмонија, соопшти неговиот портпарол Боб Ганел. Според него, лекарите задолжени за неговото лекување очекуваат во најбрзо можен период тој да биде пуштен на домашно лекување.
– Фамилијата Али продолжува со барањето за дискреција и се заблагодарува за сите молитви и желби за здравјето на Мухамед, вели Ганел.
Али, или познат и по своето првично име Касиус Клеј, на 18 години беше олимписки првак во лесно-тешка категорија.
Во 1964 година станува шампион во супертешка категорија. Од боксот се пензионираше во 1981 година, а три години подоцна му беше дијагностицирана Паркинсонова болест.




