Русија изрази поддршка за Северна Кореја во однос на скандалот со филмот „Интервју“ на „Сони“, образложувајќи дека филмот е толку скандалозен што бесот на Пјонгјанг е „доста разбирлив“.
До сега официјален Вашингтон не обезбеди докази за наводите дека Северна Кореја стои зад хакерските закани, вели портпаролот на руското министерство за надворешни работи Александар Лукашевич, кој инсистира дека обвинувања од САД се контрапродуктивни.
Неодамна САД ја обвини земјата на Ким Јонг-ун за хакерските напади врз „Сони“, кој стои зад продукцијата на „Интервју“, филмска комедија која говори за убиство на лидерот Ким Јонг-ун.
Официјален Пјонгјанг ги отфрли обвинувањата, но рече дека хакерските напади се оправдани.
Филмот беше објавен во средата на неколку веб-сајтови каде што за 6 долари може да се прегледа целосно.
Минатата недела, Кремљ соопшти дека го поканиле Ким во Москва за одбележувањето на 70-годишнината од победата над Нацистичка Германија.
Портпаролот Лукашевич вели концептот на филмот е толку агресивен и скандалозен, што реакцијата на Северна Кореја е разбирлива.




