Северна Кореја го спореди американскиот претседател Барак Обама со мајмун во продолжение на кавгата меѓу двете држави околу контроверзниот филм „Интервју“, јавува „Њујорк тајмс“
Официјален Пјонгјанг отфрли секаква поврзаност со хакерскиот напад врз филмската продукција „Сони пикчрс“, меѓутоа Северна Кореја збесна поради комедијата во која се прикажува убиство на севернокорејскиот претседател Ким Јонг Ун.
„Сони пикчрс“ во првиот момент ја откажа промоцијата на филмот плашејќи се од терористички напад врз САД, меѓутоа откако Обама ја критикуваше продуцентската куќа за ваквата одлука филмот беше промивиран минатата недела.
Моќната Национaлна комисија за одбрана на Северна Кореја, која ја води токму Ким Јонг Ун соопшти дека Обама стои зад пуштањето на „Интервју“ и филмот го опиша како криминален и нечесен.
– Обама секогаш е невнимателен со зборовите и со делата, како мајмун во тропска шума – изјавил анонимен портпарол на комисијата за Севернокорејската државна новинска агенција.
„Њујорк тајмс“ потсетува дека не е прв пат Пјонгјанг да ги навредува Обама и другите американски функционери.
Годинава Северна Кореја го нарече американскиот државен секретар, Џон Кери волк со одвратна вилица, додека јужнокорејската претседателка Парк Геун-Хај ја нарече проститутка. Во мај, пак, истата новинска агенција од Северна Кореја во едно обраќање напиша дека Обама има „облик на мајмун“.
Засега нема реакција од Белата куќа на овие навреди.
Технички Северна Кореја и САД сè уште се во војна бидејќи Корејската војна, која траеше до 1950 до 1953 година, заврши со примирје, а не со официјален мировен договор.




