Турската полиција денеска уапси едно лице кое попладнево фрлило гранати и испукало неколку куршуми кон палатата Долмабахче, каде се наоѓа резиденцијата на турскиот премиер Ахмет Давутоглу во Истанбул, меѓутоа експлозивот не се активирал.
Полицијците ги уништиле двете неексплодирани гранати, а според информациите од турските медиуми напаѓачот бил вооружан со мал пиштол и со пушка. Тој веднаш е уапсен пред познатата палатата која на времето ја користел и основачот на турската република, Кемал Мустафа Ататурк.
Странските медиуми јавија дека нападот бил насочен кон резиденцијата на претседателот Таип Реџеп Ердоган, меѓутоа такви детали нема кај турските медиуми бидејќи канцеларијата на Ердоган е во таканаречениот Ак сарај.
Истанбулската полиција информираше дека човекот е дел од терористичка организација, тој им бил познат на властите и наводно одреден период поминал во затвор.




