Уште седум тела на жртви се пронајдени при спасувачки операции во реонот каде се урна патнички авион на Ер Азија. Со тоа вкупниот број на пронајдени тела на жртви од таа несреќа е 16.
Две од телата веќе се испратени на островот Борнео за идентификација. Поради лошото време одлучено е другите пет тела да бидат оставени на спасувачкиот индонезиски брод и да бидат дополнително испратени.
На 28. декември авион А320-200 на индонезиската филијала на малезиската компанија Ер Азија со 162 лица исчезна од радарите по 40 минути по плетувањето од Индонезија кон Сингапур.
За малезиската авијација, 2014 дефинитивно беше ужасна година, пишува „Њујорк Тајмс“, и доколку нема преживеани помеѓу 162 патници и членови на екипажот од летот 8501 на Ер Азија кој исчезна во неделата наутро, ќе значи дека авионите на Малезија „учествувале“ во трите најтрагични авионски катастрофи оваа година.
Во 2014 година, сè започна со летот 370 на Малезија Ерлајнс. Боингот 777 кој патуваше од Куала Лумпур кон Пекинг, нагло го промени курсот на летот и во раните утрински часови на 8.март за последен пат на радар беше забележан западно од Малајскиот Полуостров над Индискиот Океан.
Според информациите од сателитите, истражувачите веруваат дека авионот со 239 патници и членови на екипажот се срушил некаде во Индискиот Океан западно од Австралија.
Ова е најголемата мистерија во однос на авијацијата, бидејќи до денес нема официјални докази или материјали каде завршил Боингот 777.
Потоа на 17.јули, уште еден авион на Малезија Ерлајнс се урна. Овој пат во Украина, на територија контролирана од бунтовници. Сите 298 патници загинаа. Американските и украинските претставници тврдеа дека авионот е соборен од страна на руските бунтовници во источниот дел на Украина, обвинувања кои беа отфрлени и од Русија и од руските бунтовници.
Ако се споредуваат бројките на загинати од другите авионски несреќи, ниту една не е ни близу до податоците од несреќите на Малезија Ерлајнс.




