Косово, Србија, Македонија, Босна и Херцеговина и Албанија имаат исклучително мали шанси да добијат позитивен одговор за азил во Шведска, објавува МИА.
Според последните податоци на шведскиот Миграциски завод, во текот на 2014 година биле одобрени околу еден процент од поднесените барања за азил во оваа земја од страна на државјани од Балканот.
Неодамна внимание на шведската јавност привлече претседателот на партијата Христијански демократи (КД), Јоран Хеглунд, укажувајќи дека постојат „сигурни земји“ од кои во Шведска доаѓаат голем број азиланти, а од каде што речиси сите азилантски барања се отфрлаат.
Хеглунд во тој контекст посебно ги посочи земјите од Западен Балкан, од кои годинава, според прогнозите на Миграцискиот завод, се очекува да бидат поднесени околу 8.000 барања за азил во Шведска.
– Од такви земји се одобруваат само по неколку проценти азилантски барања, бидејќи се очигледно неосновани. Нашиот предлог би требало да води кон намалување на бројот на неосновани барања, покуси рокови за разгледување на барањата и со тоа намалување на трошоците за прифаќање на нови азиланти во земјата, истакна Јоран Хеглунд.
Лани во Шведска дошле вкупно 81.300 азиланти, што претставува највисока бројка од периодот на балканските војни во 1992 година, кога во земјата биле прифатени 84.000 азиланти.




