Поранешнот грчки премиер, Јоргос Папандреу ќе формира нова партија, која токму тој ќе ја води и која ќе учествува на престојните избори на 25 јануари, јави весникот „Катимерини“.
Поранешнот претседател на ПАСОК преку својата веб-страница вчера најави дека денеска во 17 и 30 минути ќе го објави формирањето на новото политичко движење кое „ќе биде куќата на прогресивните вредности“.
Во најавата Папандреу вели дека неговата нова партија ќе формира посебен Грчки план за излез од кризата во која се наоѓа земјата. Се очекува пет од сегашните пратеници на ПАСОК да му се приклучат на поранешниот лидер, како и ексминистерот Димитрис Репас.
ПАСОК многу остро реагираше на овие најави соопштувајќи дека тој сака да ја уништи партијата која ја создадал неговиот татко, истата партија која токму него му ја дала честа да ја води и му помогнала да стане премиер.




