Автомобил-бомба експлодира утрово пред полициската академија во Сана, главниот град на Јемен при што уби 30 луѓе и повреди повеќе од 50, пренесе „Ројтерс“ повикувајќи се на јеменската полицијата.
Судирот меѓу локалните секти се разгоре откако во септември полицијата на шиитите го зазема главниот град Сана.
Засега никој не ја презел одговорноста за терористичкиот напад, меѓутоа „Ројтерс“ потсетува дека во минатото токму Ал каеда се изјаснувала дека стои зад слични напади. Според полицијата жртвите на настанот се студенти од полициската академија како и случајни минувачи.
Експлозијата се чула низ целиот град и огромен облак од чад се појавил во близина на колеџот кој е сместен во густо населениот дел од градот каде се наоѓа и Централната банка на Јемен и Министерството за одбрана.
– Ова е катастрофа. Кога стигнавме најдовме мртви тела едно врз друго, видовме човек кој вриштеше бидејќи долната половина од телото му беше буквално отсечена – изјавило за „Ројтерс“ медицинско лице кое пристигнало на местото на настанот веднаш по инцидентот.
Во моментот кога експлодирала автомобил-бомбата покрај неа поминувало уште едно возило кое веднаш се запалило сосе патници внатре.
Јеменската армија неколкупати ги нападна позицииите на Ал каеда во Јемен со помош на дронови од САД, меѓутоа овие војници сè уште се присутни во зоните од државата каде власта нема контрола и во кои живеат сунитски племиња.
На првиот ден од годинава, бомбаш-самоубиец уби 26 луѓе во јеменскиот град Иб во напад кој бил насочен кон шиитската полицијата. Поголем дел од овие напади во последните четири години биле фокусирани кон безбедносните сили на Јемен. Бомбаш-самоубиец уби повеќе од 90 луѓе во мај 2012 година за време на воена парада, додека лани во напад врз јеменска воена болница загинаа повеќе од 50 лица.




