Владиката Климент за НОВА излезе со став за убиството на новинарите во средата во просториите на францускиот сатиричен магазин Шарли Ебдо во Париз.
Ова е неговиот став:
Доколку не си способен да се насмееш на сметка на својата мала вера или пак на својата детектирана недоверба, тогаш со своето разбирање на истата, си во сериозен проблем и нешто не е во ред.
За мене зрелиот духовен и урамнотежен човек е едновремено и дискретен лик исполнет со духовитост – некој кој низ хумор ги поминува можеби најзагадочните и најкомплексните ситуации низ своите животни соочувања.
Смртно вообразениот и сериозно дистанцираниот, самоубеден и студен лик, е наличјето на секој фундаментален екстремист, независно на која религија ú припаѓа и чиј поклоник е. Нему хуморот и сатирата му се смртни непријатели и затоа нивните автори и креатори постојано му се на нишан.
Убиваат мислејќи дека на тој начин принесуваат жртва.
На таквите им препорачувам изворно да си ги препрочитаат светите книги во кои сигурно не пишува дека може да се убива во името на Бога.