Анти-терористичките единици на Франција ставија крај на драмата која започна со масакарот врз редакцијата на сатиричниот магазин „Шарли Ебдо“ на 7 јануари а кулминираше со елиминација на браќата Саид и Шариф, убијците на 10 новинари и двајца полицајци, на Амеди Кулибали кој држеше во заложништво луѓе во еврејски супермаркет во Париз.
Помеѓу заложниците четворица беа убиени од страна на терористот Кулибали пред нападот на полицијата за ослободување на супермаркетот. Четворица полицајци беа ранети.
Во петокот вечер, по крајот на полицискиот напад, во притвор беа петмина лица помеѓу кои и членови на семејствата на терористите. Полицијата и понатаму е во потрага по пријателката Кулибали.
Париската полиција доцна во петокот одржа пред конференција на која беше изразено жалење што имињата на терористите биле објавени по масакрот во “Шарли Ебдо” поради што потрагата по нив била отежната.
Во неколку часовната полициска потера во североисточниот дел на Париз во областа Данмартан-ан-Гол, полицијата целосно ги опколи терористите а неколку минути по првите експлозии околу 17 часот, полицијата соопшти дека акцијата завршила успешно, иако претходно објави дека ги сака терористите живи.
Париз денес живееше буквално во страв и поради нападот во супермаркет во Венсен, каде што Амеди Кулибали, човекот вооружен со калашников предизвика нов инцидент во кој загинаа двајца а петмина беа негови заложници.
Тој бараше од полицијата ослободување на браќата Куаши. Се работи за истото лице одговорно за смртта на младата полицајка Клариса Жан-Филип во Монтруж, убиство кое се случи во текот на вчерашниот ден.
Сепак во акција која се одвиваше паралелно со полициската акција во Дамартан-ан-Гол, полицијата успеа да го елиминира и Кулибали. Се уште не се знае каде е неговата соучесничка Хајат Бумедин, за која полицијата денеска издаде потерница.
Заложникот кој браќата Куаши го држеа денеска во печатница е ослободен.
Еден од лидерите на Ал Каида, преку аудио снимка, изрази задоволство поради атентатот на “Шарли Ебдо”. Тој објасни дека тоа се случило поради навреди испратени на адреса на пророкот Мухамед но не рече дека неговата организација стои зад атентатот.
Џихадистот Харет Ал Наради изјави преку Јутјуб дека напаѓачите биле “верни војници на Алах” кои преку овој чин ги научиле Французите каде се наоѓаат границите на слободата на изразување.
Изминативе три дена Франција, односно Париз живееше во страв и шокираност, а претседателот на земјата Франсоа Оланд го откажа состанокот со германската канцеларка Ангела Меркел, кој требаше да се одржи во недела.
Во меѓувреме на адреса на „Шарли Ебдо“ не стивнуваат пораките со жалост, а во светот се води кампања за поддршка на сатиричниот магазин, почит кон убиените и нивните семејства со порака „Je suis Charlie“.
Како поддршка, “Шарли Ебдо” од вчера доби 13.000 претплатници за весникот кој ќе продолжи да излегува веќе наредната недела. Помош му пружаат и повеќе француски редакции кои на “Шарли Ебдо” му ги ставаат на располагање своите човечки и материјални средства.




