Колинда Грабар Китаровиќ, конзервативен популист и претседателска кандидатка на Хрватската демократска заедница (ХДЗ), победи на вчерашниот втор круг од изборите за претседател на Хрватска. Таа освои 21 илјада гласови повеќе од сегашниот шеф на државата Иво Јосиповиќ.
„Ќе работам за Хрватска и нема да дозволам некој да вели дека Хрватска не е просперитетна земја“, изјави Китаровиќ во говорот по изборната победа.
Аналитичарите на нејзината победа гледаат како на барометар за расположението на граѓаните пред парламентарните избори што треба да се одржат годинава.
Јосиповиќ претходно во неделата навечер ѝ ја честиташе победата на противкандидатката оценувајќи дека Грабар Китаровиќ победила „на избори кои се одржаа во демократска атмосфера“. Коментирајќи ја малата разлика, тој потврди дека „разликата е многу мала“, но го повтори својот став дека во демократијата победуваат оние кои ќе добијат повеќе гласови.
Со победата на Колинда Грабар Китаровиќ конзервативната ХДЗ првпат дава шеф на државата од своите редови, таа е прва жена претседател на Хрватска, а Иво Јосиповиќ стана првиот претседател од прогласувањето на независноста кој не успеа да го освои вториот мандат.




