Нуркачите од Индонезија ја извлекоа едната од двете црни кутии на авионот на компанијата „Ер Азија“ кој на 28-ми минатиот месец падна во Јаванското море заедно со 162 патници и членови на екипажот.
Кутијата била локализирана на околу 30 метри длабочина во дел од остатоците од авионот, но повторно невремето ја попречило потрагата.
– Оној дел од црните кутии што ги содржи параметрите од летот на авионот утрово беше извлечен на површина, изјави директорот на индонезиската агенција за потрага и спасување Бамбанг Соелистио.
До сега нема официјална информација за причините за падот на авионот на „Ер Азија“, а како првично сомнение се лошите временски услови.
Од она што е до сега познато, неколку минути пред авионот да исчезне од радарите, пилотот рекол дека авионот се приближува во заканувачка маса од облаци и побарал да му дозволат леталото да го крене на поголема висина, но барањето му било одбиено поради густиот авионски сообраќај во тоа време.




