Францускиот сатиричен неделник „Шарли Ебдо“ на насловната страна повторно го стави пророкот Мухамед, како што претходно и најави адвокатот на неделникот Ришар Малка.
На насловната страна пишува „Сé е простено“ а се прикажува карикатура на Мухамед кој држи натпис на кој пишува „Јас сум Шарли“.
Весникот кој беше мета на терористички напад во кој загинаа дванаесет луѓе, го објави изгледот на насловната страница на бројот кој ќе излезе утре, една недела по трагедијата, а карикатурата која синоќа беше доставена до агенцијата „Франс Прес“, ја потпишува Луз, еден од преживеаните карикатуристи на весникот.
Специјалниот број ќе се продава во 25 земји и ќе биде испечатен на 16 различни јазици.
Адвокатот на весникот Шарли Ебдо претходно изјави дека „би било чудно“ во новиот број, кој ќе се продава во киосците само една недела по трагедијата, да не биде прикажан пророкот Мухамед.




