Во Доха, главниот град на Катар, почнаа преговорите за постигнување договор за размена на заробеници меѓу Тел Авив и Хамас.
Според новинските извештаи, неименуван израелски функционер изјавил дека преговорите се започнати и ќе бидат долги, тешки и сложени и дека бараат многу трпение.
Израелската делегација ја предводи шефот на Мосад, Давид Барни кој, како што е соопштено од израелска страна, сепак брзо се враќа во Тел Авив но неговата работна група на високо ниво која е составена од претставници на Мосад, воената разузнавачка служба (АМАН) и агенцијата за внатрешна безбедност Шин-Бет (Шабак), ќе остане во Катар на преговори со претставниците на движењето Хамас на неколку дена.
Турската агенција Анадолија од Доха пренесува дека преговорите се водат во хотел во приватен комплекс во кој има коридор што просторијата на израелските претставници ја дели од просторијата на претставниците на Хамас и дека не се очекува тие да се сретнат и дека за време на разговорите меѓу двете простории ќе се движат катарски и египетски посредници.
Официјален претставник на Хамас рекол дека нивната делегација нема да донесе никаква одлука туку дека одлуките ќе ги носи лидерот на Хамас во Газа Јахја Синвар и дека за секоја точка на напредок ќе бидат потребни еден до три дена.
Неименуван израелски функционер рекол дека преговорите би можеле да траат околу две недели.