Грчките левичари Сириза го зголемија водството пред партијата на актуелниот премиер Антонис Самарас, Нова демократија во очи на предвремените избори коишто треба да се одржат на 25-ти овој месец, покажуваат резултатите од последните анкети објавени вчера и денеска.
„Ројтерс“ потсетува дека евентуалната победа на партијата на Алексис Ципрас ги доведува во опасност договорите со Европската унија и со Меѓународниот монетарен фонд за санирање на грчкиот долг кој ја доведе земјата во економска криза и тоа може да доведе до излегување на јужниот сосед од еврозоната.
Посебното истражување направено меѓу 14 и 15 јануари нарачано од весникот „Епендиси“ покажа дека Сиризи води со 3,8 процентни поени пред Нова Демократија, што е пораст од претходната анкета направена од истите автори која покажуваше разлика од 3 процентни поени. Со други зборови партијата на Ципрас има поддршка од 29,6 отсто од гласачкото тело додека владејачката партија на Самарас заостанува на 25,8 проценти.
Во весникот „Параполитика“ денеска беше објавена друга анкета која исто така покажа зголемување на водството на Сириза пред Нова Демократија и според резултатите на ова истражување Ципрас го зголемил водството од 4,1 процентен поен на 4,6, што значи дека Сириза има поддршка од вкупно 35,4 отсто од гласачите додека Нова Демократија 30,8.
Центристичката партија То Потами е рангирана на третото место во двете истражувања.




