Последната пленарна седница на овој парламентарен состав ќе се одржи на 28 март. На дневен ред на оваа пленарна седница закажана за во 11 часот се пет точки – Дополнетиот предлог на законoт за изменување и дополнување на Законот за извршување на санкциите, Дополнетиот предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за народниот правобранител, Дополнет предлог на закон за основање на Медицински факултет во состав на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ – Битола, сите во второ читање и Предлог на автентичното толкување на член 93 став 2 од Законот за урбанистичко планирање и Барањето за давање на автентично толкување на член 19 од Законот за наследувањето, поднесено од пратеникот Лидија Тасевска.
Претстојните изборни циклуси се редовни, а Собранието останува функционално и при некаква итна потреба може да закаже седница.
Овој парламентарен состав се случи да работи во услови на Ковид пандемијата, кога имаше ограничување и други посебни услови за работа. Парламентарните владејачки партии овој парламентарен состав го оценуваат како успешен, а за опозицијата „четири години фрлени во вода“.