Стотици луѓе во источниот дел на Авганистан протестираат против француското списание „Шарли ебдо”, го горат знамето на Франција и ја повикуваат владата да ги прекине дипломатските односи со Франција, соопштува „Франс прес”.
Учесниците на протестот во градот Џалалабад, главен град на провинцијата Нангархар, скандираат против Франција и ветуваат дека ќе го заштитат Исламот, откако списанието објави карикатура на пророкот Мухамед на насловната страница на „Шарли ебдо“ за прв пат по терористичките напади во Париз во почетокот на јануари.
-Ги повикувам авганистанската влада и други исламски држави да ги прекинат дипломатските односи со Франција. Сакаме француската амбасада во Кабул да биде затворена. Франција треба да се извини на муслиманските држави, изјавил 25-годишен учесник во демонстрациите.

Друг демонстрант рекол дека излегол на улицата за да ја заштити „светата религија – Исламот”.
„Го сакам Мухамед” и „Нема да молчиме”, се дел од демонстрантските слогани.
Минатата недела неколку стотици луѓе протестираа и во централната провинција на Авганистан – Урузган.




